Мандатарот на идната техничка влада, Талат Џафери денеска се очекува до Собранието да го достави составот и програмата на идната техничка влада.

Според најавите, пленарната седница за избор на преодната влада треба да се одржи во недела, но од собраниската прес-служба, поточни информации за терминот за одржување на седницата најавуваат за денес попладне.

Техничката влада се избира на 100 дена до парламентарните избори закажани за 8 мај, а ќе функционира до изборот на новата влада. Вчера, Собранието во рамки на 139. седница ги констатираше оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието Талат Џафери, а во рамки на седницата пратеникот Јован Митрески од СДСМ беше избран за претседател на Собранието.

Вчера и шефот на државата Стево Пендаровски му го врачи мандатот на Џафери за состав на преодната Влада, а по добивањето на мандатот, Џафери вети дека врз основа на законите и Уставот, преговорите за состав на преодната Влада ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата.

Џафери, кој досега ја извршуваше функцијата претседател на Собранието, при примопредавањето на функцијата на новиот претседател на Собранието, во изјава за медиумите рече дека не се сомнева оти Mитрески ќе одговори на должноста и на одговорноста што произлегува од функцијата.

Митрески беше избран со 64 гласа „за“ и 40 „против“. Пратениците од Европскиот сојуз на промени не присуствуваа на седницата поради бојкот.

Во обраќањето пред пратениците, Митрески рече дека останува отворен за соработка со сите пратенички групи.

Во состав на преодната влада, прв заменик премиер на Владата, според договорот меѓу СДСМ и ДУИ, ќе биде Бојан Маричиќ, кој исто таа останува и вицепремиер за европски прашања, додека Артан Груби кој досега ја извршуваше функцијата прв вицепремиер и министер за политички систем, ќе биде министер за политички систем.

На опозицијата и припаѓаат министерските места во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика и дополнителни заменички места во министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство.

Од страна на ВМРО-ДПМНЕ на овие места предложени се Панче Тошковски за технички министер за внатрешни работи и Ѓоко Велковски за министер за труд и социјална политика.

За дополнителен заменик– министер за финансиии е предложена Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Познати се и имињата на министрите и дополнителните заменици министри кои доаѓаат од редовите на СДСМ.

Актуелниот шеф на Кабинетот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Митко Бојмацалиев е кандидат за дополнителен заменик министер за внатрешни работи, а на министерските места во култура, животна средина, транспорт, одбрана и земјоделство предложени се досегашните министри.

За дополнителни заменици министри од редовите на СДСМ предложени се Викторија Аврамовска Мадиќ во Министерството за правда, Маја Манолева во Министерството за здравство, Александар Бајдески во Министерството за информатичко општество и администрација, Филип Николовски во Министерството за финансии и Мики Крстев во Министерството за локална самоуправа.

За дополнителен заменик министер за труд и социјална политика предложена е досегашната министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Од ДУИ и Алијанса на Албанците остануваат со истите кадри.