Координаторот за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, ќе биде унапреден на нова позиција и ќе стане помошник на претседателот, изјави за АП анонимен американски функционер.

Кирби ќе води тим кој ќе биде одделен од прес-службата за национална безбедност и ќе ги координира информациите низ американските безбедносни агенции, додаде функционерот.

Кирби стана функционер во Белата куќа во 2022 година, набргу откако Карин Жан-Пјер беше именувана за секретар за печат на Белата куќа, по разделбата со поранешната прес-секретарка Џен Псаки. Пред Кирби, Советот за национална безбедност немаше координатор.

Кирби е пензиониран адмирал на американската морнарица и е особено ценет од администрацијата на Џозеф Бајден затоа што „лесно одговара на прашања за надворешната политика“, наведува АП. Тој беше и портпарол на Пентагон и Стејт департментот за време на администрацијата на Барак Обама.