Организаторите на фестивалот „Скоп Јард“ обвинуваат дека градоначалничката Данела Арсовска спречила и не дозволила во Градски парк од 12 до 16 јуни да се одржи музички фестивал. Арсовска, пак, тврди дека не е издадена никаква согласност затоа што организаторот сакал да става во тревата контејнери тешки еден и пол тон, објави СДК.

Во соопштение до медиумите, организаторите велат дека во март годинава ја почнале процедурата за добивање согласност од Град Скопје, а во април доставиле барање до архивата за издавање на дозвола. Потоа по е-пошта е добиена потврда од службите во Град Скопје со направена пресметка за уплата на комуналии, според површината која ќе ја користат и деновите на присуство, како и детали за сметките на кои треба да се извршат уплати.

„Извршена е уплата согласно насоките, надомест за комунална такса 35.000 денари, како и надоместот за чистење на јавни тревни површини заради организирање на настан 50.000 денари. Но при подигање на решението за кое имаме електронска порака дека е изготвено, од нам непознати и необјаснети причини, истото најдиректно од самата градоначалничка Данела Арсовска е стопирано и не е предадено“, вели Мартин Ангелов, организатор на „Скоп Јард“ и додава зошто некој би барал да се платат надоместоци на две градски институции, ако барањето не е прифатено.

Тврди дека контејнерите се наменети токму за трева и дека нема да направат никакви оштетувања, како што тврди Арсовска. Поради ваквиот однос на Арсовска, Ангелов вели дека имаат финансиска штета, сите изведувачи биле закажани и целосно затворено финансиската конструкција преку учество и спонзорство од околу 30 различни излагачи на храна и пијалаци и помали и поголеми компании за реализација еко-активности преку ден. Најавуваат дека ќе го тужат Град Скопје.

Од Град Скопје велат дека не дале никаква согласонст и дека организаторот лаже. Објаснуваат дека согласност не е издадена оти организаторот имал намера во зелен појас во Градскиот парк во Скопје да постави 12 контејнери од тон и пол секој, кои би се транспортирале во зеленилото со товарни возила и истоварале со виљушкар.