Не ми е мене од смртта страв

не ја есапам многу

барем не во последно време

како стареам одбивам да ја мислам

или правам шеги на нејзина сметка

па некогаш

ама само некогаш

си мислам

дека кога ќе ми дојде времето

госпожата ќе си го отвори бележникот

и со сериозен глас ќе ми рече

“епа Ана

ова не е убаво од твоја страна

не те учеа од дома дека шеги не се прават

за оние кои во моментот не се присутни?”

а мене

(сигурна сум во ова)

сите пригодни одговори ќе ми текнат

откако ќе биде веќе целата работа завршена

и не размислувам многу

дал има пекол или рај

оти ниту за ваму ниту за таму сум

и знам дека некој ќе го спомне чистилиштето

ама некако не чувствувам дека и за таму сум

и мене ако ме прашате

оној свет го замислувам многу сличен на овој

со тоа што ако може да бирам

би сакала да живеам покрај вода и зеленило

ете толку ми се желбите

иако не верувам дека за скромност

се добиваат екстра поени (за таму кај што ќе кинисам)

не ја есапам смртта

дури ниту кога се разминуваме по улица

тогаш главата ја вртам

демек не сум ја приметила

а и таа пустата горделива е

па ме одминува без поздрав

и не ми е страв

ниту дали ќе боли

или ненадејно ќе дојде

и зад грб “бу” ќе викне

ниту пак се секирам

дека нема пригодно да сум облечена

или пак нашминкана

ама страв ми е

само од едно ми е страв

дека ќе нема тогаш кој раката да ми ја држи

и да ми шепне

тивко и нежно

“чекај ме”

 

Ана Бунтеска