Од сите зборови
Најмногу вредат оние
Кои не се кажани
Туку покажани биле
И љубовта која во нив прелева
Кои шумат како пенливо вино
Во кристална чаша висока
Од сите зборови
Кои никогаш не биле изустени
Ама биле присутни
Најголема тежина имаат оние
Кои ќе ги видиш во нечиј поглед
Или во гласот кој како иљач
Душата ти ја залекува ко ќе ги слушнеш
Од сите зборови
Со кои се тепаме да се искажеме
Или нешто мудро да поприкажеме
Најдолго остануваат оние
Кои премолчени биле
А кои ти кажале се’
Чија форма однатре ти налегнува
И чиј одек во главата ти останува
Оние кои болката ти ја смириле
И кои утеха ти дале
Од сите зборови
Со кои се расфрламе
Небаре смисла имаат
Кога нештата одат удолу
Најприсутни се оние
Кои останале ненапишани
И оние кои во нечиј стисок сме ги сетиле
Оти збор ко збор ќе се заборави
И напишан да е
Времето ќе го избледи
Ама пусто
Силата на зборот кој кажан не бил
И кој останал како жиг во срцето
Чија сила не е во перото
Туку во думата нечија
Ете тој збор
Тие зборови во чоек остануваат
И најдолго трага оставаат
Оти не се само букви расфрлани
Ниту песна која ќе се заборави
Туку се живот и здив
Вдишување и издишување
Зборови кои кажани не биле
Туку сторени
И чиј мирис и вкус
Се единственото нешто
За кое вреди да се живее
Во ова време во кое зборот
Лесно се изустува
Најсилни се зборовите
Со кои душите ни молчат
Во спокој, во љубов

 

Ана Бунтеска