Албанската фудбалска федерација се огласи по повод инцидентот на фудбалерот Мирлинд Даку, кој после натпреварот со Хрватска со мегафон ги пцуеше и навредуваше Македонија и Србија.

Самиот Даку се извини за инцидентот, а потоа се огласи и УЕФА која покрена постапка против играчот, кому му се заканува суспензија за последниот натпревар од групата против Шпанија.

– Албанската фудбалска федерација го признава неодамнешниот инцидент со нашиот играч Мирлинд Даку, кој се случи по натпреварот на ЕП 2024 меѓу Албанија и Хрватска. Разбираме дека во жарот на спортските натпреварувања емоциите растат, постапките на Мирлинд беа жална реакција на една исклучително напната ситуација. Мирлинд Даку веќе изрази длабоко каење за своите постапки и упати јавно извинување. Тој ги разбира последиците од неговото однесување и ја презеде целосната одговорност. Овој инцидент не го одразува неговиот карактер или вредностите до кои ние како федерација се придржуваме, стои во соопштението на Албанската фудбалска федерација, пренесе МИА.