На денешен ден 1872 во селото Влахи , Пиринска Македонија е роден Јане Сандански, познат како Пиринскиот царСандан-паша и Старикот македонски национален херој, војвода и водач на Македонската револуционерна организација.

Роден е во селото Влахи, Пиринска Македонија, во семејството на Иван Сандански. Во текот Руско-турската војна од 1877 година, неговите родители и соселани биле принудени да избегаат во Горна Џумаја. Знаменосец на една од македонските чети кои во Кресненското востание, бил неговиот татко. По задушувањето на востанието, семејството Сандански се засолнало во Дупница, каде што го минал детството. Завршил основно училиште и два класа од прогимназијата, подоцна станал кондураџиски чирак и му помагал на својот татко во полските работи. Во 1892 година, бил регрутиран во бугарската армија. По завршувањето на воената служба станал молбописец, кај својот чичко Спас Харизанов, адвокат и поранешен македонски учител.

Во 1895 година, дошло до раздвижување на македонската емиграција во Бугарија, под налет на настаните, зел активно учество и како четник учествувал во Мелничкото востание. Во текот на Грчко-турската војна од 1897 година, Врховниот комитет режирал втора прошетка по Македонија. Била формирана чета под водството на Крсто Захариев, а Сандански бил еден од четниците кои требало да навлезат во Македонија. По враќањето во Бугарија, влегол во друштвото Младост кое имало за цел самообразование на своите членови и будење на регионот. Во февруари 1899 година бил назначен за управник на дупничкиот затвор. Истата година, Никола Малешевски го детално го информирал за дејност на Македонската револуционерна организација и ја организирал првата негова средба со Гоце Делчев. Малешевски и Гоце успеале да го привлечат кон Внатрешната организација и нејзините цели. Заедно со Димо Хаџи Димов го реорганизирал дупничкото македонско друштво на Врховниот комитет од Софија и започнал активност за приближување кон Внатрешната организација.

Во април 1901 година, за првпат, со 8-члена чета агитирал во името на Организацијата. Истата година, Сандански и Чернопеев во Разлошко, решиле да го грабнат д-р Хаус, протестантски мисионер од Солун. Меѓутоа тој го одложил патувањето и затоа тие решиле да ја киднапираат протестантската мисионерка Мис Стон која се наоѓала во Банско. Целата акција се усложнила и траела шест месеци. На 31 јануари 1902 бил платен откупот, а 23 февруари 1902 година грабнатите биле ослободени од Андон Ќосето во село Градошорци. Внатрешната организација презела енергични мерки против врховистичката агитација. Од левата страна од Струма, околу Пирин, борбата против врховизмот ја предводел Сандански. Во Делвино, тој пред селаните кристално јасно ги претставил идејните разлики помеѓу двете организации. Истата агитација, Сандански ја повторил и во селата Марлево и Хрсово. Но и покрај силниот отпор на Внатрешната организација, на 22 септември (стар стил) 1902 година започнало т.н. Горноџумајско востание. Подготовките за востанието во Серскиот револуционерен округ ги започнал Гоце Делчев, а по неговата смрт тие продолжиле под раководство на Сандански. На Крстовден, 27 септември здружените сили на Јане Сандански и Цончев се нашле пред Свети Врач со намера да го нападнат турскиот гарнизон. Меѓутоа тие биле следени од аскер и башибозук од 2.000 души и затоа се утврдиле за да започнат битка. Но одредот на Сандански и Цончев бил обиколен од сите страни и затоа ноќта се повлекле. Планот за напад на гарнизонот во Свети Врач пропаднал, Сандански се повлекол кон Кресна.

По востанието во Софија се одржале првите повостанички советувања на Организацијата. На овие советувања дошло до оформување на две гледишта, од кои подоцна ќе произлезат две струи. Кризата и поделбите кој се појавиле по Илинденското востание, во текот на 1904 и 1905 година се продлабочиле. Во април 1905 година, здружените врховистички чети под команда на капетанот го започнале походот во Мелничко. Но врховистите биле начекани во заседа од Сандански. Во престрелката загинале 7 врховисти, а 6 биле ранети. Во текот на Рилскиот конгрес, истакнал дека во минатото сите грешеле, дека е потребно сплотување и помирување. Во летото 1906 година започнале подготовките за Вториот редовен конгрес, меѓутоа тој пропаднал. На 28 ноември 1907 година, по наредба на Сандански, Тодор Паница ги убива Борис Сарафов и Иван Гарванов. По ликвидацијата, бугарските судови ги осудиле на смрт Сандански и Паница, откако ги прогласиле за разбојници. Во втората половина на мај 1908 година се одржал Мајскиот конгрес, каде било решено да се формира нова организација под името Македоно-одринска револуционерна организација.

Во јулските денови на 1908 година, приврзаниците на Јане се легализирале и влегле во градовите каде што биле пречекани од младотурските комитети со свечени собири и масовно учество на населението. Јане најпрво влегол во Неврокоп, каде што од балконот на општинската заграда одржал револуционерен говор пред околу 15.000 луѓе. На 15 јули 1908 година, Јане со воз пристигнал во Солун. На железничката станица бил пречекан од специјална младотурска делегација предводена од Енвер Беј, а на 18 јули 1908 година, Јане излегол со познатиот Манифест до сите народности во империјата.

Во последните денови на октомври 1912 година, уште пред доаѓањето на силите на Седмата бугарска дивизија, четата на Сандански, во содејство со востанатите селани, организирани и вооружени како селска милиција под раководство на Сандански, по кратка борба со османлискиот аскер, на 27 октомври 1912 година го ослободите Мелник. Триста четници од одредот на Јане Сандански, во содејство со бугарската коњичка група на мајорот Цонев, на 8 ноември 1912 година, влегле во Солун, пред влегувањето на главнината на бугарската војска.

По Балканските војни, се вклучил во политичкиот живот на Царството Бугарија. Во јули 1914 година, по иницијатива на Демократската партија, Народното собрание го изгласал т.н. Законот за простување на македонските револуционери. Во есента 1914 година, во полниот разгор на австриско-српскиот судир, Сандански и неговите соборци решиле да се организираат преку собирање на свои приврзаници и евентуални сојузници за борба против политиката на Фердинанд, меѓутоа заговорот пропаднал. По неуспешната акција, западнал во разочараност и се вратил во својот манастир кај Мелник. На 10 април, кај месноста Блатата, била поставена заседа во која бил убиен. Јаневото тело било пронајдено од еден караван, по што било пренесено во Роженскиот манастир. Неговите останки се наоѓаат во црквата Св. Св. Кирил и Методиј.

Веднаш по ослободувањето и создавањето на современата македонска држава, македонскиот народ му оддал видно признание на својот голем син. Јаневата личност и дело, редовно се одбележува на свечените академии и други собири, во печатот, радиото и телевизијата. Голем број на училишта, улици, културно-уметнички друштва го носат неговото име