Најмалку 16 Палестинци се убиени од израелската војска во најкрвавите судири во Газа во последните неколку недели, што му претходат на контроверзното отворање на американската амбасада во Ерусалим.

Високи претставници на САД, вклучувајќи ја и ќерката на Доналд Трамп, Иванка, ќе присуствуваат на денешниот настан.

Масовните протести, наречени „големиот марш на враќање“, ги предводи Хамас и Израел тврди дека нивната цел е да ја пробијат граничната метална ограда, опишувајќи го целото движење како терористичко. Палестинците сметаат дека потегот на Трамп има за цел да го признае правото на Израел врз целиот Ерусалим.

Хамас објави дека меѓу убиените е и 14-годишно момче и дека има околу 500 повредени. Повеќе од 50 Палестинци загинаа од почнувањето на протестите пред шест недели. За тој период, ниту еден Израелец не беше повреден.

„Секој што ќе се доближи до оградата ќе се смета за терорист“, изјави израелскиот министер за образование Нафтали Бенет.