Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изврши вонреден надзор во телевизија „Канал 5“ поради ставовите искажани во емисијата „Само вистина“ од 28-ми февруари, каде како гости се јавуваат Солза Грчева и Стојанче Ангелов.

Предмет на надзорот, како што велат од таму, е говорот на Грчева која во емисијата изнела стереотипи и предрасуди врз основа на пол и род, конкретно поврзани со жените и нивниот брачен статус.

Според Агенцијата, Грчева употребила стереотипи и предрасуди врз основа на пол во следнава изјава.

„Коѕијас јасно ни кажа една реченица, по мене многу навредлива, дека ќе сме се мажеле сега како девојка и зет, што било проблем презимето да го смениме? Е сега да ги видиме момиве наши, кои што мислат да ја омажат цела Македонија. СДСМ личи на една уседелица, на една стара девојка, која што никој не сакаше да се омажи со неа, па ја омажија странците проводаџии на сила. ДУИ стално го исчистувате, еве сега не ви смета Талат, порано ви сметаше. Ми личи на една девојка која што нон-стоп си дозволува да изгуби невиност, ќе оди ќе ја поткрпат на гинекологија и е исчистена од сите гревови. Оди се премажува со друг. ВМРО ми личи на една разведена распуштеница, очајна, депримирана, која што веќе ни децата свои не ги гледа, чекајќи кој ќе сака да ја омажи“, рече Грчева.

Според Агенцијата, Грчева на овој начин на стереотипен начин ги претставува половите и родовите улоги. Од Агенцијата сметаат дека новинарот во овој случај требало да се огради од таквиот говор.

„Новинарката ваквиот дискурс не го препозна како стереотипизација на која би требало да укаже или пак да се дистанцира од неа, односно гледачите не слушнаа и спротивставен став што е основа за „еднаквост на слободите и правата независно од полот“, посочуваат од таму.

Поради ова директорот на Агенцијата ќе треба писмено да и укаже на телевизија „Канал 5“ дека во емисијата се изнесени ставови во кои се репродуцира стереотипизирано претставување без реакција од страна на новинарката.