Бојкотирајќи, си ги дадовте во ветер гласовите. Баш зашто беше консултативен референдумот, замислете цела таа бројка од над 1.000.000 гласачи за колку што се вели дека биле „против“ само затоа што не излегле да заокружат, навистина да излезеа и да гласаа „против“. Тогаш вистина, ќе мораше да се испочитува волјата на народот и никој не ќе смееше ни да помисли да го отвори повторно Договорот во Собранието.

Вака сега? Што? Над 90% ќе било гласањето „за“, нешто неважечки, нешто „против“, а овие што бојкотираа? Каде им е заверен гласот? Каде заокружија бојкот? Зошто не излегоа и не ги скинаа ливчињата, или не ги направија неважечки во најмала рака?

Сега во ист кош се ставени, отселените лица кои не добија можност да гласаат во странство, во ист кош се ставени тие кои ги немаше на избирачките списоци, заедно со нив се и тие кои поради разни други причини не излегле, како и оние кои се аполитички, но, во тој кош се и бојкотирачите.

Затоа, доколку се сакаше да се поништи Договорот од Преспа, требаше да се излезе да се гласа „против“.

Никој не победи. Сите изгубивме. И тие „за“, и тие „против“, а најмногу се излизгани тие што бојкотираа. Сеќавањето дека луѓето бојкотирале ќе остане само во личните и маалските сеќавања. На статистичко ниво, во историјата тоа нема да биде никаде запишано. Како да не ни постоел бојкот.

Сега секој може да си ги присвојува тие над 1.000.000 гласови кои не излегле на овој референдум. Како што се очекуваше – сите ќе прогласат победа, сите ќе слават, сите ќе ги посочат губитниците. Тука – само народот изгуби денеска.

И АМАН – ПОПИС ВО ДРЖАВАВА! Итно!

P.S. Малите риби не јадат никого, затоа впрочем и секој пат се во јато, зашто во спротивно ќе исчезнат, како никогаш да не ни постоеле. Но, на крајот на краиштата – сите риби живеат во истата вода.

P.P.S. До ден денешен – не слушнав АЛТЕРНАТИВА, не слушнав идеја кој пат ќе го оди (ПЈР) Македонија од утре, после бојкотот.

 

ФБ статус на Огнен Јанески