„Писмо до внуката“, најпрочуеното писмо од Горан Стефановски, доби форма на сликовница во издание на ТРИ. Од душата на еден дедо, истовремено и човекот кој го промени современиот тек на македонската книжевност, со цел секој да навлезе во суштината на постоењето, да ги одгатне неговите тајни и убавините на нашата земја.

Илустрациите се на Љупка Стојкова, која заедно со целата Редакција, внимателно го подготвуваше страница по страница овој емотивен исказ на авторот.

Сè што е создадено од раката на Горан Стефановски носи своја животна и книжевна вредност.

Овој интимен дел од дневникот на Стефановски е наменет за секоја возрасна група. Од најмалите на кои им посакува добредојде, до најголемите, кои ја сфаќаат и заднината на секоја реченица што дедото им ги остава во наследство на својата внука и на идните генерации.

Делата на Горан Стефановски, „Диво месо“, „Тетовирани души“, „Бушава азбука“, „Демонот од Дебар Маало“, „Конзервирани импресии“ и сите останати драми, раскази и есеи, се учебници за идните писатели и со својата безвременост сè уште се и ќе бидат најчитаните книги од домашните автори. Нештата на кои нè учат, јазикот и зборовите се потврда за нашиот идентитет и патоказ за целата домашна литература.

„Писмо до внуката“ пристигна на штандот на ТРИ на овогодишниот Саем на книгата што трае до 24 април. Достапна е и во сите книжарници на ТРИ.