Вечерва на програмата се нови два натпревари во осминафиналето на Лигата на шампионите. Баерн во Рим му гостува на Лацио, а ПСЖ ќе го пречека Реал Сосиедад. Вчера, фудбалерите на Манчестер сити победија во Копенхаген со 3:1, додека Реал Мадрид во Германија го совлада Лајпциг со 1:0.

Фудбалерите на Лацио од 21 часот го пречекуваат тимот на Баерн во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите.

Баерн првата фаза од Лигата на шампионите ја заврши на првото место на табелата во групата А со пет победи и едно реми. Фудбалерите на Лацио го освоија второто место во групата Е со 10 бодови.

Изминатиот викенд фудбалерите на Баерн беа поразени од Баер Леверкузен со 3:0 на гостински терен во дерби натпреварот од 21. коло на Бундес лигата и моментално се на второто место на табелата во германскиот шампионат.

„Никогаш не сум играл против Лацио, со нетрпение го чекам овој предизвик. Лацио е голем клуб со одлични навивачи. Тие имаат многу искусен тренер кој секогаш е подготвен да ве изненади“, изјави тренерот на Баерн, Томас Тухел.

Лацио, во Серија А се наоѓа на скромното осмо место со 37 бодови, а во последното коло од италијанското првенство римскиот клуб го победи Каљари со 3:1 на гостински терен.

„Ќе биде многу тежок натпревар, но мораме да му пристапиме знаејќи дека победата не е невозможна. Баерн е фаворит, тие секогаш се силни во Лигата на шампионите, а ние ќе мора да играме со многу самодоверба“, рече тренерот на Лацио, Маурицио Сари.

Баерн и Лацио играа во осминафиналето на Лигата на шампионите во сезоната 2020/2021, Баварците победија на двата меча (4:1, 2:1).

Реваншот меѓу Баерн и Лацио се игра на 5 март во Минхен.

Фудбалерите на ПСЖ, во истиот терминт го пречекуваат тимот на Реал Сосиедад.

Реал Сосиедад беше најпријатното изненадување во групната фаза ЛШ. Клубот од Сан Себастијан го освои првото место во групата Д со 12 бодови, односно со три победи и три нерешени.

Реал Сосиедад не брилјира оваа сезона во шпанската Ла Лига, бидејќи се наоѓа на седмото место на табелата со 37 бодови. Последната победа во Ла Лига овој клуб ја забележа на 20 јануари против Селта (1:0).

ПСЖ ја заврши првата фаза од ЛШ натпреварувањето на второто место на табелата во групата Ф со осум поени и се пласира во нокаут фазата благодарение на подобриот скор со Милан.

На последните шест натпревари во францускиот шампионат, ПСЖ запиѓа пет победи и едно реми.

Клубот од Париз е убедливо на првото место на табелата во францускиот шампионат, со дури 11 бодови повеќе од второпласираната Ница.

Реваншот помеѓу Реал Сосиедад и ПСЖ ќе се одигра на 5 март во Сан Себастијан.

Во вторник на 20 февруари играат Интер – Атлетико Мадрид и ПСВ – Борусија Дортмунд, а ден подоцна ќе се сретнат Порто – Арсенал и Наполи – Барселона.