Од исклучителна чест и задоволство е денеска да сум домаќин на потпретседателот на Владата во Црна Гора, ДританАбазовиќ. Уште еднаш сакам да се заблагодарам на продуктивната средба која штотуку ја завршивме.

Моја лична определба, и на тоа сум посветен, на средби помеѓу лидери акцентот да не го ставаме на проблемите, туку на решенијата.
Време е сите да гледаме и чекориме напред. Во моментов секако приоритет е справување со Ковид и последиците кои тој ги носи со себе. Сите сме соочени со предизвик, но како ќе одговориме, ќе биде клучно  за тоа како нашите земји и регионот ќе се развиваат во иднина.

Она што стана јасно во овој период е дека сме силни колку што е силен и системот дека сивата економија и штетите кои таа ги прави се најсилно видливи кога сме во криза како и фактот дека соработката, отворениот дијалог и конструктивното решавање на проблемите локално и регионално – се нашите алатки за справување.
На денешната средба со потпретседателот Абазовиќ, зборувавме за нашите две економии, за соработката и за потенцијалот за продлабочување на истата. Она што го разменивме денеска е заложба да ја зајакнеме економската соработката помеѓу двете земји, што е во заеднички интерес, а иницијативите за искористување на потенцијалите за таа соработка кои се очигледни.

Секако, не можеме да зборуваме за развојот на нашите две земји, без да го спомнеме развојот и конкурентноста на целиот регион на Западен Балкан. Важен процес за граѓаните и економиите на земјите од Западен Балкан во последните години е Берлинскиот процес, на кој нашите две земји посветено работат за да се остварат целите предвидени со неговото иницирање.
Во ноември минатата година и двете држави пристапивме кон акцискиот план за воспоставување на Заеднички регионален пазар, заснован на пристапот на четирите слободи – слободно движење на добра, услуги, капитал и луѓе, или четирите слободи на кои се заснова Европската Унија.
Целта на Заедничкиот регионален пазар е да се зајакне економската соработка помеѓу земјите во регионот, да се зголеми конкурентноста, но и привлечноста на регионот за пазарот на Европската Унија.
Регионална конкурентност наместо регионална конкуренција! Ова е нашата иднина.
Ова ќе ја зголеми отпорноста на регионот кон ризиците од било кој тип и ќе ja зајакне нашата способност да се справуваме со предизвиците и непредвидливите појави, како што е случајот со моменталната пандемија. Ќе донесе просперитет за нашите граѓани, напредок и иднина за регионот на Западен Балкан и ќе ги подготви нашите економии за влез во Европската Унија.
За Црна Гора и Северна Македонија ова ќе биде значајно за зголемување на стандардот на граѓаните, зголемување на пазарот за компаниите, а со тоа и на можностите за развој и за нови инвестиции.
Регионалната конкурентност е клучот кој ја отвора вратата за просперитет на Западен Балкан.

Северна Македонија минатата година стана 30-та членка на НАТО и се придружи кон алијанската веднаш после Црна Гора, како 29 членка.
Црна Гора ги отпочна преговорите и веќе започна со отворање на поглавјата за усогласување на правната рамка со онаа на ЕУ. Се надевам дека ќе ја повториме истата динамика и дека и нашата земја наскоро ќе го тргне тој пат во преговорите, а во меѓувреме работиме на европски стандарди дома.
Во таа насока се активностите од нашата „Акција 21“ која, меѓу другото, опфаќа и:

– Зголемување на стандардот на живот на граѓаните,
– Борба со корупција и сивата економија,
– Воведување на системски решенија за проблемите кои ги кочат демократските процеси во државата,
– Креирање на предвидливo бизнис опкружување,
– Развојна и одржлива економија.
Сето ова беа теми на кои разговаравме на денешната прва, и се надевам една од многуте иднисредби со вицепремиерот Абазовиќ, секако имајќи ја предвид големата регионална слика.
Имав среќа скоро 10 години од мојата кариера да работам како консултант за пристап до ЕУ фондови во голем дел од земјите од регионот, вклучително и Црна Гора. Тоа ми овозможи да ги запознаам и искусам земјите, одблиску да работам со нивните влади и знам кои се ресурсите со кои Западен Балкан располага.
Многу се и разноврсни се.
Токму тоа искуство денеска ме поттикнува посветено и со многу верба работам на зголемување и поттикнување на регионалната конкурентност и на намалување на регионалната конкуренција. Секоја од земјите, вклучително и нашите две, со своите посебности и силни страни, може и треба да придонесе кон креирање на конкурентен регионален пазар, на што сите заедно посветено треба да работиме.
За нас е важно, Европската Унија да ги препознае и вреднува нашите важни политички, демократски и економски чекори. Нашиот пат е во Европската Унија и на тој пат можеме взаемно да се поддржуваме и да учиме едни од други.