„На 8 мај да излеземе на гласачките места и да го заокружиме бројот 1, затоа што тоа е бројот кој ги обединува сите различности во европската идеја. Само така може да напредуваме, со прифаќање на нашите различности како дел од нас, од Македонија“, им порача на жителите на скопската општина Шуто Оризари, Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборната единица 2.

Тој истакна дека сплотеноста во европската идеја се протега многу подалеку од партиските и етничките разлики.

„Не постојат граници за мисијата за обединување на различностите и зачекорување кон европското семејство. Ние одбиваме да бидеме поделени. Во Коалицијата за европска иднина има место за сите, ги прифаќаме разликите како важен дел од нас, нашата идеологија е социјалдемократијата – единство во различностите и солидарност со сите“, порача Битиќи.

Битиќи порача дека СДСМ верува во потенцијалот на секој граѓанин, во неговата способност на 8 мај да донесе разумна одлука за иднината на државата.

„Ве повикуваме во среда, на гласачките места, да ни се придружите во нашата мисија и заедно да градиме општество во кое достоинството нема да биде луксуз, туку право на секого“, порача Битиќи.