Премиерот Зоран Заев денеска упати апел за воздржување од говор на омраза и разгорување нетрпеливост по смртта на 21-годишниот Никола Саздовски, кој на 29 минатиот месец физички беше нападнот од три машки лица на автобуската постојка на бул. „Александар Македонски“ во Скопје.

„Омразата и насилството не ѝ прилегаат на Македонија и одат на директна штета на нашата иднина и на нашата младина. Апелирам сите да се воздржиме од говор на омраза и од разгорување нетрпеливост. Само така ќе им дадеме можност на институциите да си ја завршат својата работа, за што се платени од граѓаните.

Правдата и толеранцијата во општеството се наши заеднички цели, да се вложиме целосно и одговорно за да ги достигнеме“, пишува Заев на неговиот Фејсбук профил, изразувајќи сочувство до семејството на младиот Саздовски.

Саздовски им подлегна на повредите од нападот вчера изутрина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување-КАРИЛ.