Процесот на соработка со НР Кина има потенцијал да постигне поголема ефикасност и зголемена регионална соработка на проекти од интерес за земјите во регионот.

На денешниот Самит на Инцијативата 17+1 на земјите од ЦИЕ и Кина, на кој се обрати и претседателот на НР Кина, Си Џинпинг, истакнав дека Република Северна Македонија активно учествува во поголем број активности во рамки на процесот, бидејќи е добра платформа за продлабочување на соработката во различни области.

Сега е време да се подготвиме за пост-КОВИД-19 периодот и да ги обновиме нашите општества и економии, а за тоа важно е да се интензивираат различните форми на економска соработка.

Потенцијал за зголемена регионална соработка има во областа на инфраструктурата или енергијата, особено во проекти за употреба на обновлива енергија и намалување на загадувањето на водата, воздухот и почвата, како заеднички придонес во нашата борба против климатските промени.