Со приближување на изборите, ВМРО-ДПМНЕ се враќа на старите практики и продолжува со поларизација со ДУИ, пишува во фејсбук-статус лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, чија партија е дел од коалицијата на опозициски партии на Албанците, „Вреди”. Критиката од Меџити до ВМРО-ДПМНЕ доаѓа среде секојдневното испраќање пораки меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди” за соработка во идна влада.

 

 

 

Изет Меџити, лидер на Демократско движење и дел од коалицијата „Вреди“

За Ослободителната народна армија (ОНА), позната како УЧК, Изет Меџити вели дека е света за сите нив.

 

 

„Жал ни е што со приближување на изборите ВМРО-ДПМНЕ се враќа на старите практики кои мислевме дека ги заборавиле. ВМРО-ДПМНЕ продолжува со поларизација со ДУИ и ова е стара, застарена игра. Албанците се заедно кога станува збор за националното прашање. УЧК е света за сите нас и никој не се осмелува да ја допре“,пишува Меџити во објавата на Фејсбук.

Од редакцијата на 360 го прашале на што точно се однесува фејсбук-статусот.

„Јасно е на што се однесува (објавата на Фејсбук н.з.). Ова е дежа ву од претходно. Кога пред избори ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ си го креваат рејтингот еден на друг“изјави Меџити за „360 степени“.

На дополнително прашање дали објавата се однесува и на пораката што претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, ја испрати од синоќешниот митинг во Куманово, Меџити одговори потврдно.

Силјановска-Давкова синоќа од Куманово, меѓу другото, рече дека некои дела, т.н. дела против човештвото, никогаш не застаруваат. Алудираше на воениот конфликт од 2001 година.

„Стравот што го слушам или заканите од типот дека востаници имало во оваа држава ме тера само на едно потсетување. Меѓународното право вели дека востание може да се крене само ако постојат неподносливи услови на живот и владеење. Да потсетам, и во 2001 година ДПА беше во владата. Јас никому не се заканувам, само потсетувам дека некои дела, таканаречени дела против човештвото, никогаш не застаруваат“,

порача Силјановска-Давкова од митингот во Куманово.

Во пораките кои предизборно деновиве си ги испраќаат лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Али Ахмети пред два дена му порача на Христијан Мицкоски оти во политиката влегол како востаник и дека нема да излезе оттаму без да се откаже. Од митингот во Дебар каде што го изјави ова, Ахмети кажа и дека не треба да постои огорченост оти на неодамнешниот митинг во Скопје извикувал „УЧК, УЧК“, зашто, како што рече, УЧК е албанска гордост и ја спасила Македонија.

Од вчерашниот митинг во Куманово, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, кажа дека Али Ахмети може за себе да смета дека е востаник, но дека кариерата ќе ја заврши, како што вели, како обичен криминалец.

„Ахмети за себе може да смета, како што самиот изјавува, дека е востаник, може да кажува дека е и научник за НАСА, но јас, а и сите вие тука, знаете дека ќе ја завши кариерата како обичен криминалец. За ВМРО-ДПМНЕ се многу јасни позициите и определбите. Не сакам да разговарам со емисарите кои секојдневно ги праќа за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ за мене е завршено поглавје и ќе оди во опозиција“, порача Мицкоски од вчерашниот митинг во Куманово.