Вкупната предвидена вредност на четирите стратешки инвестиции е 786 милиони евра. Само онаа за изградба на ветерниот парк „Стипион“ на локацијата на неизградениот карго аеродром во Штип, ќе обезбеди 10 отсто од потребите за струја на државата. Компанијата инвеститор АКИО се грижела да не нанесе штета на земјоделците и се откажала од 160 хектари земјиште, а се преговара за уште 10 хектари плодно земјиште, кое не е приватно, туку го користат земјоделците од тој крај, пишува „24 инфо“.

Мнозинството пратениците дадоа зелено светло сите четири предлог- закони за стратешките инвестициски проекти да се донесат по скратена постапка. Со 58 гласа „ЗА“ и 31 пратеник кои гласаа „ПРОТИВ“ законите го помина првиот собраниски филтер.

– За првпат се води сметка за плодното земјоделско земјиште и заедно со Универзитетот во Штип станува збор на регулатива за агроволтаици, за кои досега немаше законска подлога во државата. Инвестицијата на „Стипион“ е 270 милиони евра, а за првпат се вклучува развојна компонента, која не е закон, ами придонес, па така инвеститорот е должен да врати по 1 едно евро во општината од секој метар квадратен за подобрување на социјалната инфраструктура. Парите ќе одат во посебен фонд во Развојната банка, а општините ќе конкурираат за парите со свои проекти. Се очекуваат 2,5 милиони евра годишно од сите 4 стратешки инвестиции само по овој основ“ изјави потпретседателот на Владата Фатмир Битиќи.

За фотоволтаичниот парк пак кој ќе се гради во Штип, општината веќе ги завршила сите технички подготовки, а градоначалникот Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ чека „амин“ од своите сопартијци во Собранието, но неговиот лидер, Христијан Мицокски предизборно е контра проектот, кој според градоначалникот ќе значи многу за градот Штип.

-Еве ако е толку паметно ова што го направила Владата, јас веднаш ќе кажам се ова што го зборувам досега го повлекувам, под истите услови нека даде француската Влада во Нормандија македонска инвестиција. Но, под истите услови. Ама ако е толку добро ова за Македонија, да направиме и ние Македонците нешто добро за Франција“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на дебата Економска платформа за иднина на тема „Нов концепт за економски развој“ која се одржа во Велес.