Играчот на Манчестер Јунајтед, Мајкл Керик официјално објави дека ќе ја прекине кариерата по крајот на оваа сезона. Причините за тоа се проблемите со срцето, поради кои 36-годишниот фудбалер се подложи на операција. Од таа причина, искусниот играч од средниот ред има само четири натпревари оваа сезона.

Уште во јануари менаџерот Жозе Мурињо откри дека ова ќе биде последна сезона на Керик, кој од летото ќе стане најверојатно дел од штабот на Португалецот.

Откако се приклучи на Манчестер Јунајтед од Тотенхем во 2006 година, Мајкл Керик одигра 463 натпревари за „црвените ѓаволи“ и постигна 24 голови.

– Доаѓа време кога твоето тело ти вели да престанеш да играш фудбал. За мене тој момент речиси дојде. Откако се појавија моите проблеми со срцето, размислував два или три дена дали треба да продолжам понатаму. Се вратив доволно подготвен и сакав да ја завршам кариерата така како што јас сакам. Треба да се одржувам во форма и да бидам подготвен. Се надевам дека ќе добијам уште време на теренот до крајот на сезоната. Се уште се забавувам за време на тренинзите. Се обидувам да помагам многу повеќе, бидејќи разбирам каде се наоѓам, изјави Керик на специјалната прес-конференција, на која ја објави својата одлука.