Во СДСМ се уште немало дискусија за тоа кој ќе биде претседателски кандидат, а за тоа има пропишана постапка, вели премиерот Ковачевски. Тој додаде дека за ова прашање ќе имаат консултации и со коалициските партнери.

Според Ковачевски, средбата на која присуствуваше Заев, а по чие завршување имаше само кратка објава на социјалните мрежи и неколку фотографии, била показател дека СДСМ е отворена партија за секого, без разлика на која позиција се наоѓа во државата.

Ковачевски негираше дека има поврзаност меѓу враќањето на Заев и ескалацијата на односите меѓу сегашниот и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Никола Груевски. Негираше и дека од Груевски добил материјали на уесбе.

„Во СДСМ никој никому не чува фотелја, затоа што претседател на партијата се избира преку гласање од страна на сите членови, рече премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, во вечерашното гостување во вестите на ТВ Сител.

Една од темите што се отворија во разговорот беше враќањето на поранешниот лидер Зоран Заев во партијата, на координативен состанок на т.н. стратешки тим на партијата, што беше проследено со голем интерес во јавноста. Ковачевски негираше дека зад таа средба се крие нешто повеќе од она што беше објавено.