После 125 години, Кока-кола за првпат во својата историја ќе  ја прекрши традиција и ќе произведе алкохолен пијалок, кој ќе биде наменет за јапонскиот пазар.

На овој начин компанијата  сака да профитира од зголемената популарност на „чу-хи“ – газиран ароматизиран пијалок, измешан со локалниот алкохол „шочу“. Овој производ содржи околу 3% до 8% алкохол, а тоа го прави многу популарен кај младите потрошувачи, кои го користат како замена за пиво и освежителни пијалоци.

„Тоа е пијалок во лименка што содржи алкохол. Традиционално, се прави од алкохол наречен ‘шочу‘ и газирана вода, плус некоја арома. Досега не сме експериментирале во алкохолната категорија, но ова покажува дека сакаме да испитуваме можности надвор од нашите основни области“, изјави претседателот на Кока-кола во Јапонија, Хорхе Гардуњо, додавајќи дека тој, најверојатно, нема да се продава надвор од Јапонија.

„Чу-хи“ во Јапонија се рекламира како алтернатива за пиво и особено е популарен меѓу жени. Најголемите јапонски компании за пијалоци имаат голема палета производи и продолжуваат да експериментираат со стотици вкусови.