Кој ќе го преземе тронот од рацете на Никола Додевски и ќе седне во фотелјата претседател на Адвокатската комора а притоа ќе има тешка задача и ќе треба да се потруди малку повеќе околу враќањето на довербата кон адвокатите ќе дознаеме следниот викенд во Струга кога копјата ќе се кршат меѓу засега петмина адвокати.

Додевски кој на јавноста и е познат како советникот и адвокатот на екс премиерот и eкс лидер на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски нема да се бори за уште еден мандат.

Имено, меѓу најсериозните имиња за кандидати кои ќе се тркаат за следен претседателски мандат во Адвокатската комора се Звонко Давидовиќ, Љубомир Михајловски-Џанго, Наташа Трпеновска Тренчевска, Димитар Панчевски и Александар Тортевски.

Според информации со кои располага Фактор како најсериозен кандидат е единствената жена – адвокатот Наташа Трпеновска Тренчевска.

Покрај тоа што е адвокат, Трпеновска Тренчевска е основач и Претседател на Здружението на жени правници на Република Македонија ТЕМИС Скопје.

Со 23 годишен стаж во адвокатурата единствената дама ќе се обиде да седне во столчето на претседател на Адвокатската комора.

Според нејзината биографија, Трпеновска Тренчевска дипломирала на Правниот факултет во Скопје при Универзитетот “Кирил и Методиј” во Скопје во Април 1990 година, на правосудната насока, со среден успех 8, 57 (максимална оценка 10), а по дипломирањето, од Септември 1990 година до Мај 1992 година обавувала пракса во Окружното јавно обвинителство Скопје.

Правосудниот испит го положила во Јуни 1995 година, а од Јули 1995 година е член на Адвокатската комора на Република Македонија и моментално работи како адвокат во Адвокатското друштво ТРПЕНОСКИ.

Со Решение на Адвокатската комора на Република Македонија од 17. 11. 2005 година, таа е основач на Адвокатското друштво ТРПЕНОСКИ, како посебен правен субјект, во согласност со Законот за адвокатура, заедно со Адвокатот Јован Трпеноски и Адвокатот Дејви Давидовски.

Таа е делегат на Основната адвокатска заедница во Собранието на Адвокатска комора на Република Македонија Скопје, член на Институтот на директори и поранешен Дисциплински обвинител при Адвокатска комора на Република Македонија Скопје и член на Комисијата за соработка со странски адвокатски и правни организации при Адвокатската комора на Република Македонија. Таа е учесник и предавач на повеќе семинари организирани од страна на Стопанската комора, Комората на странски инвеститори, други невладини организации, од областа на корпоративното управување, работните односи и стопанско право.

Континуирано е предавач, модератор и учесник на повеќе семинари и обуки во актвиностите на Адвокатската комора на Република Македонија, Здружението за кривично право и криминалистика како и други здруженија самостојно и во соработка со повеќе домашни институции и меѓународни организации, додека оваа година покрај другите судски постапки, таа е вклучена и во одбрана на клиенти и во кривични предмети кои предизвикуваат најголем интерес на јавноста.

Љубомир Михајловски за дел од медиумите потврдил дека има поддршка од делегатите да ја води комората. Тој на јавноста и е познат и од функцијата министер за внатрешни работи која ја извршувал од 17 декември 2004 до 26 август 2006.

Михајловски дипломирал на Правниот факултет во 1980 година. Во периодот од 1981 до 1983 година работел како пазарен и трудов инспектор во Собранието на Општина Центар.

Од 1983 до 1999 година бил потсекретар во Министерството за внатрешни работи каде обавувал повеќе функции. Во МВР работел и како инспектор во Управата за оперативни работи во СВР – Скопје, самостоен инспектор за спречување криминал, виш инспектор за спречување криминал, виш инспектор за недозволена трговија со дрога, началник на Одделението за општ криминал, началник на Секторот за сузбивање на криминал, заменик на помошникот министер за криминалистичка служба во МВР и началник на Управата за внатрешни работи – Охрид, Кичево, Дебар и Струга.

Во периодот од 2000 до 2002 година работел како адвокат, а од 2 декември 2002 ја обавувал функцијата директор на Царинска управа.

Звонко Давидовиќ и Александар Тортевски се долгогодишни адвокати со големо искуство зад себе кои често се појавуваа во јавноста со критики за претходната гарнитура.

За разлика од нив, медиумите пренесуваат дека Димитар Панчевски имал поддршка од помладите колеги адвокати а е син на адвокатот Игнат Панчевски.

Фото: академик.мк

Скопскиот адвокат Никола Додевски познат меѓу другото како правен советник и адвокат на екс премиерот Никола Груевски беше избран пред 4 години а на неговиот избор му претходеше неотповикливата оставка на Управен одбор (УО) на АКРМ на чело со тогашниот претседател Ненад Јанакиевиќ дадена на вонредното Собрание кое се одржа во Кичево.

Изборот на нов претседател на Адвокатската комора, кој претстои, ќе биде интересен и неизвесен како никогаш досега а листата на кандидати за новиот претседател кој ќе ја води адвокатската фела ќе биде отворена се до моментот на гласање. Дотогаш членовите на Собранието ќе можат да ги даваат своите предлози и токму поради тоа, се верува дека на листата ќе се најдат повеќе имиња на адвокати.