Аргентинецот Ернан Креспо е нов тренер на фудбалскиот клуб Ал Аин од Обединетите Арапски Емирати.

Ал Аин на социјалните мрежи објави дека поранешниот аргентински репрезентативец е нов тренер на клубот.

“Ернан Креспо блесна како светска ѕвезда и се етаблира како исклучителен тренер. Неговиот статус и извонредните амбиции се во склад со лидерот на азискиот фудбал“, соопштија од клубот.

Креспо на клупата го замени Холанѓанецот Алфред Шрудер, кој минатата недела доби отказ по само шест месеци.

Креспо во октомври минатата година по заедничка согласност го раскина договорот со катарскиот Ал Духаил поради лошите резултати.

Во текот на кариерата беше познат како добар стрелец и за 19 години постигна повеќе од 300 голови. Тој е четвртиот најдобар стрелец во Аргентина по Серхио Агуеро, Габриел Батистута и Лионел  Меси.