Состојбата со медиумиските слободи во Македонија, носењето на Законот за АВМУ, медиумското известување, како и безбедноста на медиумите, се темите за кои разговарале министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски со претставникот на ОБСЕ за слобода на медиуми, Харлем Дезир и шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија, амбасадорот Клеменс Која.

Министерот се осврна на процесот на носење на Законот за АВМУ.

– И покрај тоа што верзијата којашто во моментов е во собраниска процедура, беше финализирана со заедничка вклученост на сите засегнати страни, како и со поддршка на Европската Унија и ОБСЕ, Законот е блокиран во Собрание, од страна на опозицијата. Единствена причина за тоа, е продолжувањето на мандатот на членовите на советот на ААВМУ и програмскиот совет на МРТВ. Од друга страна, ние инсистираме, процесот на избор на членовите во овие две тела да биде транспарентен, и членовите да ги исполнуваат професионалните критериуми јасно предвидени со овој закон – рече Манчевски.

Поддршката во овој процес од ОБСЕ, пред се за медиумските работници, но и за демократскиот амбиент во државата е од особено значење.

– Важно е да се има оваа нова можност и да се разговара за промовирање на слободата на медиумите, во вакво одлучувачко време за иднината на земјата. Драго ми е што реформите поврзани со медиумите остануваат високо на листата на приоритети на Владата, вклучувајќи го и законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Тука, особено е важна и улога на јавниот радиодифузен сервис, како и потребата за негово правилно финансирање и обезбедување на уредувачка независност. Мојата канцеларија, како и досега така и во иднина ќе продолжи да обезбедува помош во овој процес – истакна Дезир.

Како што истакна тој, и покрај тоа што Законот за АВМУ, се уште не е изгласан во Собрание, може да се забележи значително подобрување на состојбата со медиумите во Македонија.