Голото споредување на цената на мегаватчас електрична енергија со просечна плата во нашата земја е некоректно, велат од МЕПСО. Оттука додаваат дека ваквото споредување никому не му помага и создава конфузија кај граѓаните.

„Такви споредби се погрешни и водат кон погрешни заклучоци кои немаат економска логика туку оставаат впечаток дека критиката е неконструктивна“, наведуваат од акционерското друштво.

Додаваат дека во одредени сегменти на нашето општество се уште постојат предрасуди и за најмала промена на цената на електричната енергија.

„Дел од критичарите на цената на електричната енергија, во исто време, за мобилен телефон со интернет забава се подготвени да издвојат и значајни износи, често и далеку повисоки од сметката за електрична енергија. Понатаму, како висока сметка за електрична енергија се третира и сметка кога, оваа најскапа енергија, се користи за загревање на цела куќа или голем стан. Коректно е да се укаже дека за најзагрозените семејства е предвидена субвенцијата „за енергетска сиромаштија“, која обезбедува пристапност до ел.енергија за сите граѓани на државата. Прашањето е многу комплексно за да се банализира со неаргументирани напади врз електроенергетските компании и регулаторното тело кое го респектирало барањето“, нагласува МЕПСО.

Во соопштението се наведува и дека електричната енергија е основиниот двигател на сите сегметни во современото општество, поради што сите треба да сме свесни за важноста на функционирањето на целиот електроенергетски систем, а тоа е неостварливо без неопходните вложувања за негова непречена и доверлива работа. МЕПСО нагласува дека секоја година подготвуваат инвестициона и програма за одржување, каде што најдомаќински се планираат потребните инвестиции, а за нив имора да се има предвид дека во земјата нема произведител на потребната опрема за трафостаници и далекуводи, и поради тоа целата опрема се набавува од странски производители.

„Секогаш сме посветени на определбата за намалување на трошоците, онаму каде е оправдано. Спремни сме и за стручна расправа на таа тема. Тарифата на АД МЕПСО 6 (шест) години во континутитет е намалувана, со што е доведена во прашање ликвидноста на компанијата и нејзиното функционирање. Тарифата е најголемиот извор од каде се покриваат сите инвестиции за преносниот систем нормално да функционира. АД МЕПСО нема можност да се откаже од своето учество во цената на струјата, затоа што нé чека економски развој на државата кој без стабилен преносен систем е невозможен.

Во исто време напоменуваме дека АД МЕПСО е општествено-одговорна компанија која во контиунитет осум години наназад издвојува значајни средства (до 2 отсто од своите приходи) за проекти од јавен интерес од областите на: здравството, образованието, културата и спортот. Воедно во истиот период дава стипендии на студенти од електроенергетските насоки на државните факултети во Скопје и во Битола, во соработка со ЕВН и АД ЕСМ, вложувајќи на тој начин уште повеќе во иднината на електроенергетскиот систем“, додава МЕПСО во соопштението.