Денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, директорот на Бирото за јавна безбедност Саше Тасевски и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев ги посетија децата и семејствата на загинатите бранители кои во одморалиштето на МВР во Пониква го минуваат зимскиот одмор .

На средбата со децата и семејствата на бранителите министерот Спасовски го изрази своето задоволство што денеска има можност да се види со нив и да поразговараат околу актуелни прашања од важност за нив , истакнувајќи и во оваа прилика дека тој и раководството на МВР се нивни пријатели и поддржувачи и дека тоа партнерство бескопромисно продолжува и во иднина.

„Вашите татковци, синови, сопрузи ,браќа , наши колеги и пријатели го заслужија своето место меѓу бесмртните, меѓу сите наши херои кои со своето највеличествено дело и залог – сопствениот живот – оставија вечна трага во историјата, но и во иднината на генерациите што доаѓаат. Нема држава во чии што темели не се вградени и животите на нејзините најдобри синови. Тоа со што нашите херои не задолжија се враќа само со дела, со хумани , професионални, благородни дела, со се она добро, чисто и честито заради што тие воопшто и ги положија своите животи. Ова ме задолжува мене како министер, и раководството на министерството за внатрешни работи но и сите останати институции да бидеме овде секогаш за вас, нивните најблиски и кога за тоа постои законска можност да направиме се што е во наша надлежност да одговориме позитивно на вашите барања “ рече министерот Спасовски денеска пред децата и семејствата на бранителите во Пониква.