Во Кочани денеска беше отворена втората фабрика на компанијата „Антура МК“ која што ќе отвори 250 нови работни места.

„Ова не е нова инвестиција којашто првпат дошла од Холандија во Македонија, ова не е прв погон на ‘Антура МК’ во Кочани, туку е втор, што значи и кажува дека компанијата препознала дека во Македонија може да има партнер за развој на својот бизнис. Сакам да ги охрабрам ‘Антура МК’ и сите останати компании да го препознаат потенцијалот на Република Македонија, посебно потенцијалот на Владата да им помогне во нивните инвестиции“, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Целокупното производство на „Антура МК“ е наменето за извоз со што, како што рече, уште еднаш се потврдува значењето на компанијата за промовирање на Македонија како земја поволна за инвестирање.

Вкупната инвестиција во досегашниот тек изнесува 15 милиони евра, од кои во прва фаза се 6 милиони евра и во втора 9 милиони евра. Моментално во „Антура МК“ работат 440 лица, а до 2020 година планирано е бројот на вработени да се искачи на 700 лица.