Папата во обраќање во Ватикан на 3 март 2024 година.

Папата Франциск повика на населението во Појасот Газа да му се гарантира „безбеден пристап“ до хуманитарна помош.

Според проценките на Обединетите Нации (ОН), гладот му се заканува на населението на таа територија, која е под блокада и израелски напади од почетокот на војната меѓу Израел и палестинската организација Хамас, која САД и Европската унија (ЕУ) ја сметаат за терористичка и која е под блокада.

„Секој ден во моето срце со тага го носам страдањето на жителите во Палестина и во Израел, поради тековните непријателства“, рече папата на 3 март, по молитвата на плоштадот Свети Петар во Ватикан.

„Го охрабрувам продолжувањето на преговорите за итен прекин на огнот во Газа и целиот регион, така што сите (израелски) заложници да бидат ослободени и вратени кај нивните роднини кои нервозно ги чекаат и цивилното (палестинското) население да може да има безбеден пристап до хуманитарната помош што и е итно потребна“, рече папата и апелираше за итен прекин на непријателствата.

Газа – чад се издигнува на небото по израелските воздушни напади врз бегалскиот камп Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, 2 март 2024 година

Распределбата на помошта во Газа се претвори во драма на 29 февруари кога десетици луѓе загинаа под околности кои се уште не се јасно утврдени.

Во таа прилика луѓето се упатиле кон камионите со хуманитарна помош, создавајќи метеж, израелските војници пукале, а според информациите, во метежот повеќе луѓе биле прегазени токму од тие камиони.

Израелската војска на 3 март објави дека Палестинците биле убиени во стампедо, а не од истрели.

Во меѓувреме, претставниците на Хамас, Катар и САД се состануваат на 3 март во Каиро, во нов циклус преговори со цел да се воспостави примирје во Појасот Газа, објави египетскиот провладин медиум Ал Кахера.

Луѓето земаат храна од камион во северна Газа, 2 март 2024 година.