Шестиот интернационален ракометен камп „Кирил Лазаров 7″ кој требаше да се одржи оваа година од 19 јуни до 1 јули се откажува. Причината е една и единствена, пандемијата предизвикана од вирусот Ковид -19.

КМГ Спорт агенција како организатор се надеваше дека состојбата ќе се смири до стартот на кампот, но подобрување нема.

„Императив секогаш е здравјето на децата. Почитувајќи ги препораките на надлежните кои забрануваат групирање на повеќе од две лица, одржувањето на кампот е невозможно. Секојдневно ја следевме ситуацијата и очекувавме смирување на истата, бевме подготвени и за поместување на датумот за месец јули… Но, за жал бројките го покажуваат спротивното, ризикот во оваа ситуација е недозволив. Знам што значи присуството за децата на кампот, со какво нетрпение го чекаат и секоја година му се радуваат. Ги поздравувам и се надевам дека следната 2021 ќе може повторно да бидеме сите заедно во името на ракометот”, вели капитенот Лазаров кој е идеен творец на кампот и во изминативе години континуирано беше со децата.

Оваа година беа пријавени над 400 деца од 14 земји на возраст од 7 до 18 години. Досега на кампот учествуваа преку 1500 деца, а лани го одбележавме пет годишниот јубилеј. На сите деца им посакуваме убав летен распуст и се гледаме следната година во Охрид, соопштија организаторите.