Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски денеска учествуваше на панел-дискусија на тема „Како сѐ може да се (зло)употреби пописот?“ во организација на здружението на граѓани „Цивил– Центар за слобода“.

Во рамки на дискусијата, директорот Симовски одговараше на прашања, поврзани со Пописот 2021 година, а во врска со постапката за спроведување на пописот и за потребата од оваа сложена статистичка операција.
Директорот Симовски нагласувајќи дека пописот е статистичка, сложена операција и никако не може да има политичка конотација, уште еднаш учествуваше во објаснувањето за категориите на население кои ќе се попишуваат, согласно објавената методологија.

Тој појасни дека пописот 2021, согласно препораките на Обединетите нации и дефинициите на Еуростат ќе даде одговор односно податоци за одредени категории лица, резидентно население, кое живее во Северна Македонија и вкупно нерезидентно население, односно лица државјани на Северна Македонија кои престојуваат во странство повеќе од 12 месеци, односно една година, како и членовите на нивните домаќинства доколку престојуваат со нив.
„Со објавувањето на Методологијата, веќе се разјаснети повеќето прашања околу категориите на населението кое ќе се попишува. Вклучувањето во Пописот на нашите граѓани, кои се наоѓаа повеќе од една година надвор од државата е од големо значење бидејќи цениме дека потребно е да знаеме колкава е таа бројка, каква е нивната структура по сите основи, образовни, возрасна, полова,работоспособност, кои се нивните периоди на иселување, од кој дел на државата и.т.н.“, подвлече Симовски додавајќи дека Пописот е обид да се добие една бројка за овие граѓани, со цел да се создадат квалитетни политики кои ќе помогнат за враќање на што поголем број од овие лица.

Симовски посочи дека, пописот кој претстои во нашата држава, дава елементарни податоци за планирањето на економскиот и социјалниот развој и дава податоци кои се потребни за бизнис секторот, локалната самоуправа за квалитетно управување и сите останати институции.

„Во базата на пазарот на трудот се чувствува огромен недостиг од обучена работна сила и потенцијал и токму оваа бројка ќе даде една базична слика за карактеристиките на лицата од аспект на возраст, економска, образовна, културолошка припадност кои живеат надвор од државата и за кои може со квалитетна планирана државна политика да се создадат услови да се вратат во Северна Македонија“, оцени Симовски.

Одговарајќи на прашањето за правото за изјаснување во графата етничка припадност, Симовски појасни дека секој граѓанин има право да се попише по свое лично убедување, без разлика на уставно пропишаните категории на припадници на етнички заедници.

По однос на евентуално одложување на пописот, Симовски објасни дека за тоа не постои можност поради временскиот период на попишување, кој е регулиран со Законот за Попис, но и поради неопходната потреба конечно после повеќе од 18 години да се добијат квалитетни податоци, кои и се потребни на државата за нејзиниот успешен развој.

Истовремено тој додаде дека Државниот завод за статистика е персонално и технолошки подготвен да ја спроведе оваа сложена операција, која речиси две декади се очекува.

Во дебатата на Цивил на тема „Како сѐ може да се (зло)употреби пописот?“ беше констатирано дека излегувањето на граѓаните на попис во април е општокорисно и за секој граѓанин поединечно и неучеството во Пописот не носи корист туку штета, по однос на добивањето на најквалитетните одговори за планирање на економската и развојна иднина на граѓаните на Северна Македонија.
На панел-дискусијата, која ја водеше новинарот Зоран Иванов, а на која беа опфатени и темите поврзани со значењето на пописот за економијата, стопанството и бизнис заедницата, како и за помалите етнички заедници во земјата, учествуваа и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и Дехран Муратов, новинар и координатор во Цивил.