Акцизата на пивото да се намали од четири на три денари за литар алкохолен степен и наместо 32,5 да изнесува 24,4 евра, бара Стопанската комора на Македонија.

Од таму оценуваат дека производството и продажбата на пиво изминатите десет години бележи негативен тренд, а најголеми причини за тоа се токму зголемената акциза од 2013 година, воведувањето на лиценците за продажба на алкохол во 2008 година, како и временото ограничување на продажбата што до скоро беше во сила.

– Македонија има најмала потрошувачка на пиво во цела Европа. Од 33 литри по жител во 2008 година, сега и во последните пет години е сведена на 28 литри. Доколку акцизата се врати на три денари за литар алкохолен степен, цената на пивото ќе биде подостапна, а потрошувачката ќе се врати на 680.000 хектолитри. Разликата од тие 110.000 хектолитри ќе значи 2,5 милиони евра плус приход во буџетот – рече в.д. извршната директорка на Стопанската комора Билјана Пеева – Ѓуриќ.

Таа додаде дека и следната година се очекува поскапување на пивото за најмалку пет отсто во светски рамки поради сушната година и раст на трошоците.