“Владата е заталкана и води погубни економски политики. Со секој изминат ден се потврдуваат сомненијата дека функционерите на СДСМ или свесно ги лажеле граѓаните или се целосно неспособни да реализираат што било од ветеното во текот на кампањата. Катастрофата е иста и на локално и на централно ниво. Во притвор се уставобранителите, а на слобода се криминалците кои СДСМ ги ослободи.“

Ова е заклучокот од саботната седница на централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржан во седиштето на партијата. Наспроти ваквата реторика, сѐ погласни се шпекулациите дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го помага работењето на актуелната влада со тоа што ќе стане дел од неа, пишува весникот „Независен“.

Имено, низ политичките кругови се зборува дека до почетокот на летото во земјава ќе биде создадена широка коалиција меѓу сите партии што се дел од парламентот. Нивна задача ќе биде да ги протуркаат сите закони и реформи битни за европската иднина за земјата, како и најважното: да го поддржат евентуалниот компромис за името. Според овие шпекулации, мачењето на власта да обезбеди кворум и стабилност на Владата, недоразбирањата со законот за јазици, апсењата на пратениците и поддржувачите на опозицијата ќе влезат во пакетот преговори, при што секоја страна ќе добие нешто, но ќе мора и да голтне понекоја „жаба“. „Проектот“, наводно, е подржан од меѓународниот фактор, кој е незадоволен од спроведувањето на реформите 3-6-9, односно е свесен дека горливите прашања мора да се решат со поддршка на сите политички фактори во земјава. По решавањето на спорот со Грција, влезот во НАТО и започнувањето на преговорите за членство во Европската Унија, партиите ќе бидат „ослободени“ и наредната година, заедно со претседателските избори, би се организирале и вонредни парламентарни, на кои граѓаните би се определиле кој сакаат да ги води.

Засега ниту една од политичките партии официјално не потврдува дека се врши притисок за формирање широка коалиција. Сепак, извори од нивните редови тврдат дека претставниците на водечките партии се во секојдневна комуникација. Како пример се посочува минатиот четврток кога беше одложена парламентарната седница за законот за јазици, па собранискиот спикер им даде една недела на партиите да се договорат.