Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски на 4 април, 2024 година имаше средба со претседателот на Државна изборна комисија, Александар Даштевски и со членови на ова тело. На средбата, што беше иницирана на барање на ДИК, беше побарана соодветна техничка и логистичка поддршка од општините во процесот на спроведување на изборните активности.

Општините се законски обврзани да обезбедат простор за спроведувањето на гласањето, но беше посочено дека во одредени изборни пунктови потребна е поддршка и во обезбедување на одредени технички помагала, како компјутери, печатачи и слично. Од ДИК информираа дека веќе се утврдени сите локации, што во најголем дел се наоѓаат во простории на училиштата, училишни сали или градинките.

При тоа беше посочено дека воделе грижа тие да се наоѓаат во приземниот дел од објектите и воедно да имаат обезбеден пристап за лицата со посебни потреби. За непречено спроведување на изборите од технички аспект и овозможување на исполнување на правото на гласање, подеднакво за сите граѓани, општините беа замолени да ги проверат ваквите пристапи и доколку е возможно да го подобрат нивниот квалитет. Од посебно значење за ДИК претставува и обезбедувањето на соодветни простории каде еден ден пред изборите ќе се депонира потребниот изборен материјал. За сето тоа побараа општините да им излезат во пресрет на претставниците од ДИК и најавија дека до ЗЕЛС и до локалните самоуправи ќе испрати и информација со поконкретни барања и насоки.

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски нагласи дека непречено спроведување на фер и демократски избори треба да биде императив на секој граѓанин и дека заедничка е обврската тие да се спроведат во најдобар ред.

Тој се заблагодари на поканата од ДИК за взаемна соработка за непречено спроведување на подготовките за спроведување на изборите и посочи дека ЗЕЛС ќе се погрижи општините да излезат во пресрет на барањата на ДИК и навремено ќе бидат информирани за потребните активности што треба да се обезбедат од просторен, технички или организационен карактер.