Фудбалските клубови кои ќе играат во Лигата на шампиони од следната сезона ќе имаат далеку поголем ќар, откако УЕФА го зголеми наградниот фонд за дополнителни половина милијарда евра.

Сето ова се должи на зголемувањето на популарноста на натпреварувањето и секако зголемувањето на тв-правата. Во групната фаза од следната сезона ќе играат 16 клубови од четирите најсилни лиги во Европа (Премиерлига, Ла Лига, Серија А и Бундеслигата). Предвидено е приходите да се зголемат од 2,3 милијарди до 3,4 милијарди евра.

Од оваа сума дури 1,9 милијарди евра ќе одат за клубовите кои ќе учествуваат во елитното натпреварување. Новитет е бонусот наречен „историски ранкинг“, што значи дека дполнителни средства ќе добиваат оние екипи со големо европско педигре. За овој бонус предвидени се 528 милиони евра, а еден клуб може највеќе да добие 32 милиони евра. Финансиските средства наменети за резултатите на клубовите резервирани се 600 милиони евра, што е зголемување на претходниот фонд о 348 милиони. За учесниците во Лигата на шампиони резервирани се 480 милиони евра, што е зголемување за 74 милиони евра во однос на оваа сезона.

Со самиот пласман во групната фаза во ЛШ, клубовите ќе добијат по 15 милиони евра, што е повеќе од претходните 12,7 милиони. Секое реми во групната фаза сега ќе носи 900.000 евра неместо досегашните 500.000. Една победа ќе носи 2,7 милиони евра, што е 1,3 милиони евра повеќе од досега.

Место во осминафиналето носи бонус од 9,5 милиони евра, потоа 10,5 милиони евра за пласман во четвртфиналето. Полуфиналето носи 12 милиони евра, финалистот добива 15 милинони, а победникот ќе заработи 19 милиони евра бонус.

Евентуалниот победник во Лигата на шампиони во 2019 година, доколку има идеална сезона и ги победи сите натпревари во групната фаза може да заработи 64,5 милиони евра.