СДСМ своето постоење го темели на зачувување на придобивките од минатото. Тие темели се нашата државност, НОБ и АСНОМ, кои ги штитевме и во време кога другите ги рушеа и понижуваа и никогаш со нашите политики не сме го довеле во прашање опстојувањето и напредокот на државата.

Со овие зборови, носителот на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, д-р Венко Филипче на вечерашниот митинг во Неготино ги повика граѓаните да се мобилизираат на 8 мај и да донесат правилна одлука и да го направат вистинскиот избор.

„Да не дозволиме со погрешен избор да се врати национализмот, насилството и примитивизмот во политиката, апсењето новинари, прислушувањата и грабежот. Јас и другите кандидати за пратеници од СДСМ и коалицијата имаме програма и идеи за стабилност и иднина на Македонија. Јас верувам во вашата поддршка“, рече Филипче.

Тој вели граѓаните да не наседнуваат на лажниот патриотизам промовиран од луѓето во Белата палата, симболот на криминалот и корупцијата.

„Не наседнувајте на приказните за правда од оние кои пробаа да извршат убиства во Собранието, за да не дојде до промена на власта. Не наседнувајте на лажните патриотски приказни на оние кои имаат резервна татковина, за кои патриотизмот е единствено чукање во гради додека државата пропаѓа во изолација. Тоа не е патриотизам, тоа е алатка за замајување на граѓаните“, вели Филипче.

Филипче побара одговор зошто сега на ДПМНЕ не му пречи Приштинската платформа а потроши месеци манипулирајќи ги граѓаните со некаква Тиранска платформа.

„Каде се сега истите тие кои ве плашеа со некакви странски, тирански Платформи? Каде се сега кога ДПМНЕ најавува коалиција со партиите кои се построија во Приштина и од таму праќаат политички пораки? Или сега Приштинска платформа не им пречи, туку ја повикуваат во коалиција?“, праша Филипче.