Интегрален говор на носителот на листата во изборнат единица 4, др. Венко Филипче:

Драги пријатели, драги струмичани, драги граѓани,

Доаѓаме полека до крајот на оваа изборна кампања. Ова за мене беа дваесет дена полни емоции. 20 дена во кои запознав многу нови луѓе, но и наши верни членови, вистински социјалдемократи.

Запознав прекрасни семејства и вредни земјоделци. Запознав умни млади луѓе, но и мудри пензионери. Сите тие сакаат да живеат во подобра држава, во држава која се грижи за секој свој граѓанин подеднакво. Земја во која мирот, безбедноста и економскиот развој не се доведуваат во прашање.

И покрај сите предизвици, но и грешки кои ги направивме, СДСМ остана доследна да обезбеди ваква иднина за нашите граѓани. Во многу работи успеавме, но и во некои потфрливме. Некаде го изодевме целиот пат, некаде стигнавме до пола.

Но, вистината е дека наместо на ситни дневно политички поени, се фокусиравме на трајни политички решенија. Не беше лесно да се донесат визионерски одлуки со кои се решаваат проблемите за овие и многу следни генерации.

Ова е суштинската разлика помеѓу она што го нудиме ние и она што го нуди ВМРО-ДПМНЕ. Ние играме со отврени карти. Граѓаните знаат каде сме сега, каде ја водиме државата и што сакаме да постигнеме. Нема скриени агенди, нема завиени и лажни одговори.

ВМРО-ДПМНЕ игра со скриени карти. Тие се како оние продавачи кои ви продаваат производ во темна, затворена кутија во која не се гледа производот. Ви велат, може да ја отворите само после изборите, само откако ќе платите со вашиот глас. А кога некој ви продава производ што не може да го видите, бидете сигурни дека со тој производ нешто не е во ред.

Драги граѓани,

Во последните седум години, ние направивме суштински промени за нашите граѓани во исклучително тешки времиња. Во услови на глобални кризи и конфликти, остваривме она што многумина мислеа дека е невозможно – реално зголемување на личните приходи на граѓаните. Ова не го тврдам јас, ова го покажуваат анализи на независни меѓународни институции, како Виенскиот институт. Секако дека кризата ја почуствуваа сите, но се боревме и останавме доследни да ги поддржиме граѓаните полесно да ја пребродат. Во тоа и успеавме.

Станавме земја со најголема слобода на медиумите во нашиот регион, надминувајќи ги дури Словенија и Хрватска. Некој ќе рече ова не е важно, граѓаните не ги интересира. Но кога нема слободни медиуми, ја нема и вистината. Тогаш има фабрикувана вистина која ви ја сервира пропагандата на власта, токму како што беше во време на ВМРО-ДПМНЕ.

Денес, Македонија стои како светилиште на мир, безбедност и спокојство за нашите граѓани. Не заборавајте колку е значаен мирот во услови на војни во Европа. Нас не штити НАТО, а нашите граници и нашите домови се безбедни. Некој ќе рече, па што фајде видовме од НАТО? Но што би рекле старите, не дај боже да се прошири војната, тогаш дури ќе разбереме што сме постигнале.

Поставивме нов стандард за транспарентност. Согласно меѓународните извештаи, нашите владини институции се најотворени во регионот. Некој повторно ќе рече ова не е важно. Но факт е дека без транспарентност и под силна пропаганда, ќе се случува масовен грабеж на народните пари, исто како во времето на ВМРО-ДПМНЕ.

Секако дека имавме и многу слабости во владеењето, но никогаш не се откажавме од основните постулати на социјалдемократијата, мирот, слободата, еднаквоста и грижата за секој.

Драги пријатели,

Во првиот круг, многумина останаа дома. Многумина сметаа дека нивниот глас не е важен или сакаа да испратат порака. Вчера сретнав еден наш член кој ми рече: Венко, не гласав, се разочарав. Други ми кажаа дека решиле и протестно да гласаат. Јас сите нив ги разбирам.

Но пред сите нив, а сега и пред вас исправено стојам и кажувам: СДСМ нема да ве изневери! Не можеме да си дозволиме да молчиме, не можеме да си дозволиме да останеме дома. СДСМ ќе се промени. А јас како иден пратеник ви ветувам дека ќе останам за вас достапен и со слух за секој проблем. Никогаш СДСМ нема да биде салонска партија, туку партија која живее и работи меѓу граѓаните, меѓу членовите.

Затоа, сите кои сте разочарани, сте останале дома, сте решиле на некој начин да изразите револт, во ред е. Но казната и на парламентарни избори би значела удар за самите вас, не само за партијата. Ќе значи заслабување на партијата која ве уверувам дека ќе се врати многу брзо на правилниот колосек. Но за тоа е потребна вашата поддршка.

Затоа ве повикувам да не се предаваме на апатијата, да избереме мобилизација.

Да не дозволиме поделба, да избереме единство.

Ова е време да покажеме дека срцето на оваа партија чука силно, а тоа срце е секој од вас.

Не можеме да одиме напред без вашата поддршка, ниту Македонија може да оди напред без силен СДСМ.

Ве повикувам да им се спротиставите на оние кои се обидуваат да не потценат и уценуваат.

Да им се спротиставиме на оние кои сакаат да не поделат и кумуваат со нашите противници.

СДСМ не смее никогаш да биде потценет, уште помалку уценуван.

Почитувани граѓани, драги социјалдемократи, драги членови,

Она што го најавив прв, а тоа е подмолната скриена коалиција помеѓу ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ излезе на виделина. Сега веќе се е јасно како ден.

Јас ги разбирам оние социјалдемократи кои ја сакаат партијата и решиле да гласаат за ЗНАМ во првиот круг. Оние кои верувале дека тоа не е глас за ВМРО-ДПМНЕ, дека тоа не е изневерување на идеалите на партијата. Оние кои сакале оправдано да изразат револт.

Но сега веќе картите конечно се отворија. Сега веќе е јасно дека ЗНАМ е само сателит на ВМРО-ДПМНЕ кој имал за цел да ја разедини СДСМ, а потоа да си оди во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е проект за заслабување на нашата партија. Но најтажно од се е тоа што ЗНАМ ќе биде искористен еднократно, а потоа фрлен на буниште. ВМРО-ДПМНЕ ќе го уништи ЗНАМ во најкус рок, откако тој политички ќе му послужи. На ова не научи историјата, а историјата секогаш се повторува.

Во ваши раце е оваа одлука и не е касно да се исправи штетата. Не е касно да го направите вистинскиот избор сега. Го имате мојот збор дека промените кои ги барате ќе се случат. Но вистината е следна: што подоцна се освестивме што вистински правеле ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ, тоа потешко ќе и биде на СДСМ силно да се издигне. Одлуката е во ваши раце.

Почитувани пријатели,

Сакам на сите граѓани на оваа земја да им порачам – важно е. Важно е да излезете и да дадете поддршка. Овде не се работи само за победа на избори, ова е обезбедување на иднината што сите ја заслужуваме. Се работи за тоа да се погрижиме нашите деца да наследат земја со повеќе можности од нас.

Секој глас е глас за вашата иднина. Гласот за СДСМ е глас за напредок, за стабилност, за подобро утре на нашите деца. Не се надевајте само на подобра иднина, гласајте за тоа!

Да живее македонскиот народ, да живее Македонија, да живее СДСМ!

На 8 мај гласаме број 1!