Во ваши раце е оваа одлука и не е касно да се исправи штетата. Не е касно да го направите вистинскиот избор сега, а го имате мојот збор дека промените кои ги барате ќе се случат.

Ова им го вети Венко Филипче на струмичани и поддржувачите на СДСМ од централниот митинг на СДСМ и Коалицијата за европска иднина синоќа во Струмица.

-Одлуката е во ваши раце. Не можеме да одиме напред без вашата поддршка, ниту Македонија може да оди напред без силен СДСМ, рече Филипче.

Тој истакна дека е свесен за разочараноста кај дел од членовите на партијата, кои и лично му приоѓале и му кажале зошто не гласале. До нив, но и до сите останати, Филипче упати порака:

-Пред сите нив, а сега и пред вас исправено стојам пред вас и кажувам: СДСМ нема да ве изневери. Не можеме да си дозволиме да молчиме, не можеме да си дозволиме да останеме дома. СДСМ ќе се промени. А јас како иден пратеник ви ветувам дека ќе останам овде за вас достапен и со слух за секој проблем. Никогаш повеќе СДСМ нема да биде салонска партија, туку партија која живее и работи меѓу граѓаните, меѓу членовите, рече Филипче.