Германскиот фудбалер на Чикаго Фајр, Бастијан Швајнштајгер го поздрави преминувањето на Златан Ибрахимовиќ во Лос Анџелес Галакси на шеговит начин.

Тие и двајцата се поранешни соиграчи од Манчестер Јунајтед, а сега ќе се сретнат во американскиот шампионат, но како ривали.

– Престани да ме следиш, Ибра! Прво Јунајтед, сега САД. Добредојде во МЛС, пријателе!, напиша 33-годишниот Германец на официјалниот профил на Твитер, заедно со слика со Златан од деновите во Манчестер.

Швајни се пресели од Велика Британија во САД во 2017 година, откако помина две години во Манчестер Јунајтед, каде одигра само 35 натпревари, од кои само четири во втората сезона на „Олд Трафорд“.

Развојот на работите кај Ибрахимовиќ е сличен. Швеѓанецот одигра неверојатна деби сезона за „црвените ѓаволи“, но по тешка повреда така и не успеа да влезе во плановите на Жозе Мурињо за втората.