Борбата против тероризмот е „најлегитимно право” на Турција, изјави турскиот премиер Бинали Јилдирим, додавајќи дека Анкара продолжува со решителност да ја води оваа борба.

– Од каде и да доаѓа заканата за нашата земја, тоа место е цел за нас. Борбата против тероризмот е наше најлегитимно право, рече премиерот во Мугла, западна Турција, на конгресот на жените од владејачката Партија на правдата и развојот (ППР).

Премиерот соопшти дека стратешкиот сириски град Раџа е веќе исчистен од терористи. Ова е дел од операцијата „Маслиново гранче”, која турската армија ја води од 20 јануари во реонот на Африн, северозападна Сирија.

– Сакаме мир во регионот. Сакаме братство. Сакаме транспарентност. Сакаме да воспоставиме клима на доверба, за што се бориме, рече Јилдирим.

Турскиот премиер истакна дека Африн ќе биде предаден на неговите вистински сопственици, откако операцијата ќе заврши, така, како што Турција постапила по операцијата „Ефратски штит” (август 2016 – март 2017 година).