Ќе дојдев

Ќе ти дојдев со оваа луда

Кратко истрижана глава

Со мисли потопени во зелено

Сета стокмена за окото да ти го заробам

Во тенка свила обвиена

И исцртана насмевка

Ќе дојдев или ќе ти дојдев

Несвесна за сите погледи

Кои во мене ќе беа вперени

И како ненаситна љубовница

Лицето на твојата врата ќе го навалев

Синкир можам срцето отаде да ти го чујам

И со раката ќе исцртав круг во воздухот

За да ја исполнам празнотијата

Ќе ти дојдев

Без мисла за мојот страв и срам

Покорна а своја

Со душата во твоите дланки ставена

И за навек во нив оставена

На зајдисонце ќе ти дојдев

И до изгрејсонцето твоја ќе бев

А помеѓу

Помеѓу тие неколку часа

Три животи ќе живеев

Со алчност од која модринки на вратот ќе ти оставев

И песни на грбот со нокти ќе ти испишев

И којзнае колку сонца и месечини ќе минеа

Во само неколку часа

Во кои ќе умирав и ќе се раѓав

Со тебе во мене

Со себе во твојот здив изгубена

И потем ќе заминев

Горда блудница чиј чекор ќе одекнуваше

Низ празните улици на заспаниот град

Со главата угоре

Намирисана со твојата засушена пот

Со загризи од кои ќе треперев

И повторно денот сама ќе го врвев

Оти мене пишано инаку не ми било

За некаде корени да пуштам

Или пристаниште на срцево да најдам

Без сон

Без мисла

Со оставено се’ во четири ѕида

Кои набрзо ќе беа исчистени од нашата страст

Ќе дојдев

Ќе ти дојдев

Ама не го сторив тоа

За да можам и утредента да се сакам

Во огледало да се гледам

И таму да ти шепнам

Знаејќи дека ќе ме слушнеш…

Те љубам

Те љубам до небото…и никако назад

 

АНА БУНТЕСКА