Академијата на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“ му го доделува признанието за животно дело на музичката легенда Драган Мијалковски.

Мијалковски оваа година одбележува пет и пол децении на музичката сцена. Неговата музичка кариера почнала на аудицијата „Бараме млади таленти“ во 1969 кога ден по успешниот настап ја направил првата радиоснимка. Со своите песни трајно ја одбележа домашната забавна музика, а како поп-пејач имаше респектирано место и на ексју-сцената.

Најголема популарност достигна во 70-тите и 80-тите години кога соработуваше со врвните ексју-композитори, како Војкан Борисављевиќ, Никица Калоѓера, Славе Димитров, Александар (Ацо) Кораќ, Зденко Руњиќ, со чии песни учествуваше на многуте музички фестивали во Белград, Загреб, Сараево, Опатија, Скопје….

Отпеа многу хитови, меѓу кои се и неколку класици во антологијата на македонската забавна музика. Неговата голема популарност во 70-тите и 80-тите може слободно да се оцени како далечен предок на современата многу раширена „селебрити-култура“.

Добитникот на наградата за животно дело ќе настапи на 27. „Златна бубамара на популарноста“ со голем ревиски оркестар во живо изведувајќи колаж од неговите најопуларни рефрени. Во топ-пејачка форма на своите 74 години, Мијалковски со настапот на „Златна бубамара на популарноста“ ќе се претставува како своевиден Синатра на домашната музика.

27. издание на „Златната бубамара на популарноста“ ќе се одржи на 22 февруари, со почеток во 20 часот, во арената „Борис Трајковски“.

„Бубамара“ најавува дека за сите посетители ќе има колективно фотографирање за пасош и лична карта, што е причина повеќе за добро расположение кај сите среќници што ќе бидат дел од најпосакуваниот културен настан во Македонија.