Употребата на антибиотици во светот се зголемила за 65 проценти меѓу 2000 година и 2015 година најмногу во земјите со средни и мали приходи, а тоа го загрозува здравјето, изјавија експерти, цитирани од Франс прес.

Тие потсетуваат дека отпорноста на антибиотиците предизвикани од нивната употреба е сé поголема закана за здравјето. Резултатите од истражувањето, базирано делумно врз предвидувања, покажуваат дека глобалната употреба на антибиотици во 2015 година била 42,3 милијарди дози дневно.

Во земјите опфатени со студијата, употребата на антибиотици се зголеми од 21,1 милијарди дневни дози во 2000 година на 34,8 милијарди дневни дози во 2015 година. Во земјите со среден или мал приход, нивната употреба се зголемила за 114 отсто за 16 годишниот период.

Според еден од авторите на студијата, Ајл Клајн од универзитетот Џонс Хопкинс, Мериленд, ова зголемување значи подобар пристап до потребни лекови во земји со многу пациенти кои можат ефикасно да се третираат со антибиотици.

„Но, како што повеќе земји имаат пристап до овие лекови, нивната употреба ќе се зголеми и ова ќе доведе до повисоки нивоа на отпорност кон антибиотици“, предупреди Клајн.

Резистенцијата на бактериите е одговорна за 700.000 смртни случаи годишно ширум светот, вели меѓународната експертска група формирана во 2014 година.

Употребата на антибиотици е помала во земјите со високи приходи – 10,3 милијарди дози дневно, откако меѓу 2000 година и 2015 година таа се зголеми за само 6 проценти.

Резултатите од истражувањето се објавени во „Proceedings of the National Academy of Sciences“.