Фудбалската сезона во Германија, без публика и со максимално 300 луѓе на стадионите, ќе продолжи на 9 мај, објави „Шпигл“. Од овој медиум имале можност да го видат документот составен од Фудбалскиот сојуз на Германија во соработка со здравствените власти.

Документот напишан на 41 страница содржи правила кои ќе овозможат фудбал да се игра на стадионите од 9 мај.

Во безбедносниот протокол се опишани планираните мерки за заштита. Натпреварите ќе се играат без публика. Тимовите нема заедно да излегуваат на теренот, нема ракување пред почетокот на мечот, а забранети се и групните фотографии. Медиумското следење ќе биде контролирано со ограничен број новинарски места. Строги правила ќе владеат и во хотелите во кои ќе се сместуваат тимовите.