Поранешниот италијански селектор, 70-годишниот Џампјеро Вентура е најсериозен кандидат за клупата на Удинезе, која се наоѓа под голем притисок и закана од нова тренерска смена на Масимо Одо. „Бело-црните“ од северна Италија се соочуваат со борба за опстанок, откако нанижаа порази заради кои се блиску до опасната зона.

Вентура веќе еднаш работеше во Удине, откако во сезоната 2001/02 го замени Рој Хоџсон среде сезона. Потоа искусниот тренер водеше неколку екипи, а најголемите успеси ги оствари како предводник на Бари и Торино. Со италијанската репрезентација не успеа да се квалификува на Светското првенство во Русија, откако во баражот загуби со Шведска со вкупен резултат 1-0 по двата натпревара.

Со Вентура на клупата Италија едвај ја совлада Македонија со 2-3 во Скопје, а дуелот во Торино заврши без победник, 1-1, во натпревар во кој головите ги постигнаа Кјелини и Трајковски.