Корона вирусот продолжува да коси низ европските земји, кои денеска јавуваат за се поголем број на заразени и починати. Шпанија по се изгледа ќе биде втората држава, по Италија, која се става под двонеделен карантин. На 46 милиони Шпанци ќе им биде забрането движењето. Премиерот Санчез се надева дека со ова ќе се спречи ширењето на епидемијата, која за само еден ден инфицираше 1500 луѓе. Од вкупно 136 починати, дури 133 се жители на Мадрид. Вообичаено живите улици на Барселона и Мадрид денеска се празни.

Живеам во центарот на градот и сакам да гледам празен, сакам да знам дека луѓето се одговорни исто и оние кои се дома. Денеска морам на работа, само на еден час, но потоа ќе останам дома, вели една жителка на Мадрид.
Дел од болниците во Рим френетично брзаат да направат нови одделенија, каде речиси 300 здравствени работници ќе се борат со корона вирусот, кој инфицираше речиси 18 илјади луѓе. Италијаните седат заклучени дома, но духот не дозволуваат да замре.

Се повеќе европски држави ги затвораат границите, а властите преземаат и ригорозни мерки. Хрватска почна да ги казнува оние кои не ја почитуваат препораката за самоизолација. Бугарија прогласи вонредна состојба, а Грција утринава јави за втората жртва од корона вирусот, но и за 38 нови заболени…Словенија планира да воведе полициски час, а Србија со 41 заболен, на помош ги повикува и докторите кои се во пензија.

Во Холандија за еден ден се заболени 800-тини луѓе, а Британската Влада ќе воведе вонредни закони следната недела со кои ќе се забрани масовно собирање луѓе, откако денеска двојно се зголеми бројот на починати, и вкупно се 21. Во обид да го спречи ширењето на КОВИД 19, ЕП доделува финансиска инјекција од 37 милијарди евра за сите европски држави. Веста ја соопшти претседателот Давид Сасоли од својот дом, бидејќи и тој е во самоизолација.

Сите европски држави ќе добијат поддршка за нивниот здравствен систем. Ова значи снабдување со материјали, поддршка за болниците и финансиски истражувања за развој на вакцина колку што е можно побрзо. Приоритет се спасување на животите на луѓето. Другата заложба е да ги заштити работните места, деловните активности и економијата. Да се направи ова, не треба штедење. Земјите имаат овластување да трошат сè што е потребно за да гарантираат поддршка за вработените, самовработените работници, деловните активности и банките, соопшти Сасоли.
Њујорк го регистрираше првиот смртен случај од корона вирусот, и од понеделник ќе биде воведена забрана за влез на патниците и од Велика Британија и Ирска, двете земји преку кои можеше да се влезе на американско тло, откако Трамп забрани влез на патниците на 26 европски земји.

Во Кина, првичното жариште, бројот на заразени се повеќе се намалува, но новиот епицентар сега е Европа.