Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, соопшти дека денеска телефонски разговарал со неговиот унгарски колега Петер Сијарто, кој, како што рече, му потврдил дека Унгарија ќе гласа против членството на Косово во Советот на Европа и дека нема да ја поддржи резолуцијата за Сребреница во ОН, јави дописникот на МИА од Белград.

– Сијарто потврди дека Унгарија ќе гласа против во Комитетот на министри на Советот на Европа во однос на членството на Косово и дека нема да ја поддржи резолуцијата за Сребреница во ОН, како и секој предлог што ќе доведе до натамошна ескалација на тензиите во регионот“, изјави Дачиќ на Инстаграм профилот „ивица.дачиц.рс“.

Тој додаде дека разговорот со шефот на унгарската дипломатија бил значаен.

– Имајќи ја предвид моменталната ситуација во регионот, му кажав на колегата дека Србија континуирано се залага за деескалација, зачувување на мирот и стабилноста во регионот, како и почитување на претходно постигнатите договори, посочи Дачиќ.

Тој рече дека Сијарто му повторил дека Унгарија е заинтересирана за успех на дијалогот меѓу Белград и Приштина, но додаде и дека постојаната намера на Косово да се приклучи кон меѓународните организации не помага на овој процес.

Дачиќ додаде дека разговарале и за процесот на интеграција на Србија во Европската унија, што останува приоритетна цел на српската надворешна политика.

Унгарија на 24 април 2023 година се спротивстави на членството на Косово во Советот на Европа пред вонредната седница на Комитетот на министри на Советот на Европа што се одржа на тој ден.