ЛА Лејкерс и Денвер одиграа одличен натпревар во кој, на крај, славеше Денвер со 114-124. Големата НБА пресметка од трибините ја следеа и Новак Ѓоковиќ и Владе Дивац.

Никола Јокиќ успеа да му ја расипе забавата на Леброн Џејмс завршувајќи со „дабл-дабл“ ефект од 35 поени, 10 скока и седум асистенции.

Во вечерта кога Леброн Џејмс се запиша во историјата како прв кошаркар кој ја проби магичната граница од 40.000 поени, кога се беше во знакот на неговото славје – на крај доминираше Никола Јокиќ.

На Леброн му требаа само 9 поени за да се запише во историјата, а тој заврши со 26 поени. Но, впечатокот е дека по поразот на неговиот тим немаше такво расположение како што се очекуваше.

Покрај Јокиќ, кај Денвер се издвои и Мајкл Портер Јуниор со 25 поени, а Џамал Мареј запиша 24 поени.