„СДСМ државните енергетски капацитети ќе ги предаде во рацете на граѓаните“, истакна денеска Д-р Венко Филипче кој како носител на листа во ИЕ 4 ја продолжува својата агенда во Струмица. Тој оттаму порача дека се планира подобро управување со енергетските компании кои имаат клучен удел во вкупната економска активност.

„Планираме енергетските компании да ги вратиме кај граѓаните. Секој граѓанин, вклучително и деца, ќе добие по најмалку 8.000 денари од вредноста на енергетските компании или 500 евра за едно четиричлено семејство. Така контролата за работењето на енергетските компании ќе биде во рацете на граѓаните“, рече Филипче.

Филипче пред струмичани исто така истакна дека во новиот мандат СДСМ предвидува 180 милиони евра директна финансиска поддршка за бизнис секторот, нови вработувања и историски најниски 7% невработеност.

„СДСМ ќе внесе нова економска енергија за европски раст и стандард на граѓаните и бизнис секторот. Најуспешни се оние земји во кои се создаваат бизниси, каде што има претприемачка идеја и средина која го поттикнува нивниот развој. Ги охрабрувавме ентузијастите својата идеја да ја преточат во реалност да отворат свој сопствен бизнис. Локалната економија, малите бизниси се важен сегмент и околу нив градевме и ќе продолжиме да градиме стратегијата за развој на домашната економија“, рече Филипче.

Филипче потсети дека изминатите седум години мандат, СДСМ ја поддржуваше економијата на неколку колосеци и во таа насока, ќе продолжи со креирањето на политики кои ќе го поттикнуваат бизнисот и економскиот развој преку транспарентно и отчетно однесување со секој денар на граѓаните, додава Филипче.