Прво дозволете јавно да ја поздравам одлуката на Владата да побара вонредна состојба и да го повикам претседателот на државата да ја донесе одлуката за вонредна состојба.

Се справуваме со еден од најголемите глобални предизвици, да го заштитиме здравјето и сигурноста на граѓаните во време на пандемија и ширење на корона вирусот.

Во време кога целосно сме посветени и се бориме со широко распространетиот вирус, пристигна и многу важна вест за иднината на нашата држава и врвен стратешки приоритет:

Северна Македонија е веќе 30 земја членка на НАТО!

Во вонредни околности, Сенатот на Шпанија за првпат гласаше од далечина, телематски само за нас, и без ниту еден глас против го ратификуваше Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО.

Со овој пријателски чин, завршен е процесот на ратификации на Протоколот во сите земји членки на Алијансата во неверојатно тешки услови.

Испишавме историја за нашата држава и сите наши граѓани, во тешко време, кога сме фокусирани на заштита на здравјето и сигурноста на граѓаните.

Успеавме да го оствариме тридеценискиот сон на многу генерации и покрај сите предизвици со кои денеска се соочуваме, затоа сите сме горди на овој историски успех.

Ги остваривме заложбите на претходните генерации, ја обезбедивме сегашноста и ја загарантиравме сигурната и стабилна иднина на генерациите кои доаѓаат по нас.

Ова е верификација на вистинските државнички политики во изминатите 2,5 години.

Уште од првиот ден од мандатот моравме да се посветиме на нашата земја и да ја вратиме на патот на интеграциите во ЕУ и НАТО.

Сега темелите се поставени и продолжуваме напред, да градиме безбедна, стабилна, развиена земја, како основен услов за да може и економски посилно да се развива, за подобар живот на сите наши граѓани.

НАТО значи безбедни граници, стабилност и сигурност.

Но, НАТО е и пазар од 4 милијарди евра годишно. НАТО се повеќе инвестиции, нови работни места, повеќе пари, повисок животен стандард за сите граѓани.

Станавме дел од НАТО, на ред е вториот стратешки приоритет, членството во ЕУ.

Покажавме дека можеме да се соочиме со предизвиците. Сега е време сите заедно да се фокусираме на новиот предизвик, да го заштитиме здравјето на сите граѓани и заедно се избориме со корона вирусот.

Солидарноста и заедништвото се најсилното оружје за справување со каква било опасност.

Затоа е исклучително важно, да ги следиме и доследно да ги почитуваме мерките и препораките од надлежните институции. На тој начин да помогнеме во заштита на здравјето и спречување на корона вирусот.

Уште еднаш ја поздравувам одлуката на Владата да побара воведување вонредна состојба, потенцира Заев.

Имајќи ја предвид сериозноста на ситуацијата воведувањето вонредна состојба ќе придонесе за брзо и ефикасно да се спроведуваат мерките за заштита на здравјето на граѓаните, но истовремено и за економските мерки за помош кон стопанството и граѓаните.

Уште еднаш сакам да им се заблагодарам и да им оддадам јавно признание и почит на сите кои учествуваат во борбата против овој вирус, здравствените работници, полициските службеници, припадниците на армијата, службениците, институциите и медиумите.

Државнички и одговорно е да бидеме единствени во делувањето, маката да ја споделиме, заедно сме посилни и секој граѓанин е важен.

Граѓаните и нивното здравје да продолжи да ни биде пред сѐ и заеднички да делуваме, да се издигнеме уште повеќе и ќе успееме во заедничката борба против овој вирус!