Тоа е врвниот приоритет на Владата и во таа насока се пренасочени финансиски средства во справувањето со здравствената криза, за да се обезбедат на време вакцини, лекови и за зајакнување на здравствените капацитети, напиша на ФБ, Премиерот, Зоран Заев.

Дури 470 милиони евра се издвоени за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки за економско заздравување и одржливост на домашната економија и за зачувување на работните места, со што ќе го овозможиме континуитетот на позитивните трендови на македонската економија, по завршување на кризата.

Поддршката за граѓаните и стопанството продолжува и никој нема да биде изоставен. Ги имаме предвид сите дејности и компании.

Нашето внимание е целосно насочено кон поддршка здравствените работници, кон студентите и учениците, кон невработените лица, социјално ранливите категории, како што се пензионерите и граѓаните од други категории.

Со ребалансот на Буџетот и со четвртиот пакет мерки овозможуваме директна помош за економската и социјалната сигурност на нашите сограѓани, како и поттик на приватната потрошувачка како стимулатор на општествениот раст.

Не се запоставени ниту нашите активни приоритети за реализација на капиталните проекти од интерес за граѓаните.